Учење и развој

Во ПРИВАТНАТА УСТАНОВА ЗА ДЕЦА – ДЕТСКА ГРАДИНКА  LITTLE ME INTERNATIONAL PRESCHOOL – СКОПЈЕ појдовна програма за реализација ќе биде ПРОГРАМАТА ЗА РАНО УЧЕЊЕ И РАЗВОЈ, донесена од министерот за труд и социјална политика врз основа на член 168 став (5) од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 22/13 и 12/14).

Раното детство е важно за севкупниот развој на личноста. Теориите и истражувањата укажуваат на значењето на раното детство за интелектуалниот, емоционалниот и социјалниот развој, а со тоа и на важноста на организираното создавање услови за тој развој.

Холистичкиот пристап, на кој се базира развојот и учењето на детето од предучилишна возраст, се однесува на обезбедување на безбедна и сигурна околина за учење и развој, зајакнување на развојната подготвеност за училиште, како и формирање на правилни навики за заштита на здравјето на детето.

Во  приватната детската градинка, во текот на денот, ќе  се одвиваат најразлични воспитно - образовни активности во интерес на раното учење и развој на децата: прием на деца, слободни активности и игри, исхрана, реализација на дневното планирање (претпладне и попладне), пасивен и активен одмор, реализација на факултативни програми (доколку има интерес од родителите), моторички активности, прошетки, набљудувања, активности за стекнување културни и хигиенски навики, учество во различни манифестации, индивидуална работа со деца и родители (по потреба).

Основни центри кои ги има во секоја просторија за престој и работа  во градинката се: литературен центар, математички центар, центар за игри со конструктивен материјал, научен/истражувачки центар, уметнички центар, компјутерски/информатички центар, центар за игри со улоги, драматизација, куклени претстави, центар за изложување на детските творби (во висина на детските очи). Оваа програма овозможува воспитувачот самостојно да ги избира активностите и да ги остварува целите, согласно со неговите сознанија за развојните и индивидуалните потенцијали на децата во воспитната група која ја води. Децата имаат можност да учат низ меѓусебна комуникација, да споделуваат искуства, да експериментираат, самостојно да истражуваат, да учат низ игра. Притоа играта треба да претставува основно средство, метод и форма за учење и развој. На тој начин децата имаат можност да ја развиваат својата фантазија и креативност, да ја изразуваат својата индивидуалност и на автентичен начин да ги изразуваат своите чувства преку откривање, музика, цртање и движење, како дел од когнитивно - интелектуалниот развој. Децата треба да бидат активни учесници во игровните активности и во процесот на учењето и откривањето. Во реализацијата на програмските активности на детето треба да му се обезбедат ситуации на поттикнување, постигнување успех и задоволство, со што кај него ќе се развива самодовербата и себеприфаќањето. Во процесот на играта и учењето се препорачува поттикнување на самостојноста, иницијативноста и мотивираноста за релевантно и соодветно користење на изворите на сознанија, како и користење на природните ресурси и разновиден дидактички материјал низ активностите. Условите за учење имаат исклучително влијание врз севкупниот развој на децата. Средината (амбиентот) во којашто децата престојуваат (учат и си играат) треба да биде стимулативна, да ја поттикнува љубопитноста самостојноста и припадноста да е во согласност со нивните потенцијали и потреби. Воспитувачот го организира просторот според интересот на децата со цел тие да бидат поттикнати да учат и да се развиваат во рамките на различните развојни домени. Тој користи разновидни соодветни материјали, достапни на децата, кои по потреба ги менува (додава, вади и сл.) и кои стимулитраат истражување, откривање, играње и учење. Просторните услови треба да одговараат на индивидуалните специфичности, потреби, интереси и можности на секое дете, како и на развојните потреби во групата. Воспитувачот треба да ги охрабрува децата да земат активно учество во планирањето, уредувањето и одржувањето на занималната, а тие треба да се чувствуваат слободно додека учествуваат во разновидните активности. Се препорачува просторните услови да располагаат со центри за игра, учење и развој кои претставувват посебни делови во просторијата и во кои се реализираат различни специфични активности соодветни на домените за рано учење и развој. Само на таков начин, со создавање на позитивна атмосфера, безбедна и стимулативна средина за игра и учење, може да стимулира раното учење и развој кај децата.